Биографија
Кога имал 17 години, Лазаров ја запознал својата идна сопруга, Љубица (тогаш, на возраст од 19 години), родена воГостивар. По долгогодишна врска со својата сограѓанка Лубица, Лазаров стапил во брак со неа во јуни 2006 година и со неа има две деца: синот Благојче и ќерката Лана. Неговиот брат Филип Лазаров е, исто така, познат македонски ракометар.
Професионална кариера
Во својата кариера, Лазаров настапувал за повеќе клубови ширум Европа, и тоа:
РК Овче Поле (1991-1994)
РК Борец Велес (1994-1997)
РК Пелистер (1997-2000)
РК Загреб (2000-2002)
КЦ Веспрем (2002-2007)
РК Загреб (2007-2010)
Атлетико Мадрид БМ (2010-2013) (поранешното име на Атлетико Мадрид е БМ Сиудад Реал)
РК Барселона (2013-)
Во 2010 година, Лазаров потпишал за екипата на Атлетико Мадрид од Шпанија за сума од 125.000 евра.[3] Во 2013 година, Лазаров преминал во „Барселона“, а во јануари 2015 година, медиумите во Хрватска објавиле дека годишната плата на Лазаров во „Барселона“ изнесува 450.000 евра, со што тој бил третиот најплатен ракометар во светот, по Домагој Дувњак иНикола Карабатиќ.[4] Во февруари 2015 година, пред да му истече тековниот договор, Лазаров потпишал нов двегодишен договор со „Барселона“, со трајност до крајот на сезоната 2016/2017.[5]
Во првите две сезони поминати во „Барселона“, Лазаров бил најдобар стрелец на клубот во шпанската лига и во Лигата на шампионите. Исто така, Лазаров бил најдобар стрелец во Лигата на шампионите во ракомет, и тоа двапати: еднаш со екипата на КЦ Веспрем во сезоната 2005/2006, со постигнати 85 гола, и повторно во сезоната 2007/2008, со тимот на РК Загреб, со постигнати 96 гола.
Регионалниот ракометен портал „Балкан хендбол“ го прогласил Кире Лазаров за најдобар ракометар од овие простори во сезоната 2014-2015. Притоа, Лазаров освоил 29 гласа, со што за еден глас го победил Момир Илиќ, кој бил прогласен за најдобар во 2014 година. На крајот од сезоната 2014-2015, целиот тим на „Барселона“ добил место во идеалниот тим на шпанската лига „АСОБАЛ“, а Лазаров бил прогласен за најдобар десен бек во лигата.
Настапи за репрезентацијата на Макеоднија
Лазаров е капитен на ракометната машка репрезентација на Македонија и игра на позицијата десен бек. Тој е најдобар стрелец во историјата на светските првенства во ракомет.
Светско првенство во ракомет за мажи 2009
На 29 јануари 2009 година, Лазаров поставил нов рекорд на Светското првенство во ракомет што се одржало во Хрватска, со постигнати 92 погодоци, со што го срушил рекордот од 1995 година, поставен од Kореанецот Кјунг-Шин Јуна на Светското првенство во ракомет во Исланд, со постигнати 86 голови.[9]
Европско првенство во ракомет за мажи 2012
На 27 јануари 2012 година, Лазаров поставил нов рекорд како најдобар стрелец: На Европското првенство во ракомет за мажи 2012 што се одржало во Србија, тој постигнал 61 погодок, со што го срушил рекордот од 2002 година, поставен од Исланѓанецот Олафур Стефансон и Швеѓанецот Штефан Ловгрен на Европското првенство во Шведска од 57 погодоци.
Европско првенство во ракомет за мажи 2014
На отворањето на првенството, Македонија загубила од домаќинот Данска со 21-29 при што Лазаров постигнал седум голови, а два дена подоцна, на натпреварот против Чешка, кој завршил 24-24, тој повторно бил најдобар стрелец, со постигнати 12 голови, т.е. половина од вкупниот број голови за својата репрезентација. На овој натпревар, тој бил прогласен за најдобар ракометар во редовите на македонската репрезентација. На целото Европско првенство, Лазаров постигнал вкупно 38 голови во пет одиграни натпревари (на последниот меч против Шпанија, во рамките на втората групна фаза, Лазаров не настапил).